Фото: Маја Јаневска-Илиева

Скопското обвинителство поведе постапка против двајца учесници на насилниот протест за пресудата во случајот „Монструм“.

Тие се гонат за кривично дело – учество во толпа која ќе изврши кривично дело согласно член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничените се на возраст од 22 и 19 години, информираат од Обвинителство.

– По завршувањето на говорот на организаторот на протестот, осомничените и повеќе други лица започнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници – велат од Обвинителството.

Бидејќи постојат околности кои упатуваат дека осомничените би можеле да се дадат во бегство или да го повторат делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.

Откако Министерството за внатрешни работи ќе ги комплетира кривичните пријави и за други лица кои извршиле насилнички дејствија за време на протестот, Основното јавно обвинителство Скопје и за нив ќе поведе кривична постапка.