„Ндрангета“ е италијански синдикат на мафијашкиот организиран криминал, со седиште во Калабрија, кој потекнува од 19 век. Наводно, во 2010 година, активностите со трговијата со дрога, изнуда и перење пари претставувале најмалку три проценти од италијанскиот БДП. Преголемите пари и преголемите интереси се една од најголемите причини за да му се стави крај на ова криминално работење

По колосалната полициска акција против мафијашката организација „Ндрангета“

Италијанските борци против мафијата неодамна реализираа голема акција против познатата калабриска криминална мафијашка организација „Ндрангета“. Уапсени се криминалци низ цела Италија како и во некои региони во Германија, Шпанија и во Романија.
Специјалната полициска операција е насочена против лицата што работат во светот на контролата на меѓународната трговија со дрога. Исто така утврдено е дека мафијашите нелегално одземале недвижности вредни повеќе од милиони евра, а сите сметки во банки им се замрзнати.

КОНТРОЛА НА НАЈГОЛЕМИОТ „ПОДЗЕМЕН“ ЕВРОПСКИ ПАЗАР

Оваа операција беше опишана како еден од најголемите удари за „Ндрангета“.
„Ндрангета“ е една од најголемите криминални организации во светот, а покрај неа од подрачјето на Италија се познати сицилиската „Коза ностра“ и неаполската „Камора“. Нејзината главна база се наоѓа во најсиромашните региони на Италија. Во исто време, оваа криминална организација го контролира најголемиот дел од европскиот пазар со кокаин. Овој пазар на „Ндрангета“ ѝ обезбедува речиси 50 милијарди евра приход од дрогата.
Иако оваа мафијашка организација ни одблизу не е толку позната како сицилиската „Коза ностра“ и неаполската „Камора“, сепак е една од најмоќните, но и најсуровите криминални организации на светот.
Институтот за истражување „Еуроспес“ ги проценува нејзините приходи од 2007 година на 47 милијарди евра.
Меѓународните инвеститори од 2015 до 2019 година купиле обврзници за една милијарда евра, кои всушност се осигурени приходи за влијателниот мафијашки синдикат во Италија.
„Ндрангета“ обединува стотина автономни кланови, се занимава со големо производство и продажба на наркотици, перење пари, рекет, проституција, трговија со луѓе и шверцување оружје. Годишно заработува неверојатни 44 милијарди евра. Во една од последните операции околу апсењето на нејзини членови учествуваа околу три илјади специјалци.

„БИЗНИС“ СО ОБВРЗНИЦИ ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ПРИХОД

Меѓународни инвеститори од 2015 до 2019 година купиле дури една милијарда евра во обврзници што биле обезбедување на приходите на влијателниот мафијашки синдикат во Италија. Делот од активата што го обезбедувал приходот бил легален, а преостанатите им припаѓале на фиктивни фирми на италијанската „Ндрангета“, која е една од најголемите светски мафијашки организации и една од највлијателните во Италија.
Инвеститорите не знаеле или не сакале да знаат дека учествуваат во перење на мафијашките пари. За сето тоа била спроведена и истрага, која обезбедила доволно докази со кои само се потврдува дека постои пласман на мафијашки акции.
Една од најголемите приватни банки во Европа, банката Генерали, во рамките на својата работа купила обврзници, од кои дел ѝ припаѓал токму на мафијашката организација.

ИСКОРИСТУВАЊЕ НА КОРОНА-КРИЗАТА

Минатата година италијанската полиција реализира акција против мафијашките кланови заради подготвеноста за искористување на кризата со коронавирусот. Во неа беа уапсени 91 лице на Сицилија, која важи за една од колепките на мафијата.
Сите уапсени имале свои компании, кои биле подготвени да ги искористат за финансирање на економските последици од глобалната пандемија. Акцијата доведе до заплена на недвижности во вредност од 16 милиони долари. Рацијата во рамките на оваа акција беше реализирана во целата земја, а повеќе од 500 полицајци се занимаваа со пронаоѓање дрога, оружје и пари.
Вообичаените активности на мафијата биле поврзани со уцена, дрога и други облици на класичен и организиран криминал. Се појавија и други современи облици на дејствување, како што се автомати за игри и штетни онлајн игри.
Мафијашките организации настојуваат својот капитал да го вложат во здрави фирми што се наоѓаат во длабока криза поради пандемијата, за да ги принудуваат клиентите да купуваат производи на тие фирми, да им се закануваат на работниците, намалувајќи им ги платите и слично.
„Ндрангета“ е италијански синдикат на мафијашкиот организиран криминал со седиште во Калабрија, кој потекнува од 19 век. Наводно, во 2010 година, активностите со трговијата со дрога, изнуда и перење пари претставувале најмалку три проценти од италијанскиот БДП.
Преголемите пари и преголемите интереси се една од најголемите причини за да му се стави крај на ова криминално работење.

[email protected]