Фото: Архива

Обвинетите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески немале никаква функција во ВМРО-ДПМНЕ за време на протестите на „За заедничка Македонија“, ниту организирале партиски членови да учествуваат на овие протести. Ова го истакнаа повеќе сведоци предложени од одбраната на денешното судење за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година.

Поранешниот градоначалник на општина Ѓорче Петров Сокол Митровски одговорил дека не комуницирал со Ристовски и со Јанакиески за нивно организирање или поддршка, посочувајќи дека тој лично никогаш не бил на протестите.

Поранешниот министер за транспорт и врски, Владо Мисајловски, потенцирал дека ВМРО-ДПМНЕ немала ништо со тие протести, негирајќи дека како министер влијаел врз вработените во администрацијата да излезат на протестите. 

Претходно, повеќемина сведоци кои во 2016 година биле членови на месни, централни или на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, сведочеа дека Ристовски Јанакиески не биле членови на Извршниот или Централниот комитет, ниту дека некогаш биле контактирани од нив за учество или организирање превоз на симпатизери на партијата за протестите.

Обвинети во овој предмет, кој се наоѓа во доказна постапка, се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешните министрите за транспорт и врски и за образование, Јанакиески и Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.