Судењето продолжува на 21 септември

Судењето за предметот „Монструм“ треба да продолжи на 21 септември со изнесување на докази од обвинителството, откако на денешното рочиште сведочеа четворица вработени во Министерството за внатрешни работи. Тие објаснија како пристапиле кон извршување на задачите на 12 април 2012 година кога беа убиени момчињата и рибарот на брегот на езерото во близина на селото Смилковци.

Сведоците за дел од настаните се сеќаваа, но не можеа да дадат одговор за тоа кој пријавил за најдената „опел омега“.

Последниот сведок кој е вработен во Центарот за известување при МВР, рече дека не се сеќава дали било пријавено дека е најдено возило паркирано покрај патот, преку „совесен граѓанин“ или преку „полициска патрола“, но се сеќава дека по пријавата постапил според процедурата. Сведокот, кој бил на работа на 13 април 2012 година, им посочи на судиите службено да побараат од МВР листа за тој ден, со што би дошле до одговорот како пријавата стигнала до Центарот.

Сведоците го кажале она што е запишано во записниците и службаните белешки кои претставуваа доказен материјал во предметот, според адвокатката Дафинка Ивановска, која ги застапува родителите на убиените деца.