Пензионираната вработена во МВР Виолета Димитровска во денешното сведочење за предметот за изборен криминал на СЈО, „Титаник“, ја појаснуваше процедурата за издавање државјанства во Министерството.

Димитровска рече дека во нејзината 35-годишна кариера барања за државјанство се поднесуваат или лично или со полномошник.

Но, само еднаш имала поинаква пракса, кога вработениот во Министерството за правда, Мунир Пепиќ, и’ рекол оти има лица кои исполнуваат услови за државјанство, но се во тешка материјална состојба и не можат лично да поднесат барање, па нивните барања да биле поднесувани преку претставник чие име почнува на буквата „А”, кој имал приближно 40 години.

– Од Мунир Пепиќ ми беше пренесено: Вики, сега одам откај началничката Надица Велевска. Имам лица што исполнуваат услови за државјанство, но се во тешка материјална состојба и не можат да дојдат поединечно, а имаат свој претставник кој ќе ги носи нивните барања пополнети. Така е договорено и со Кире од Кабинетот. Ништо не реков, но не ми беше пријатно. Се качив горе во Секторот и се видов до Надица. Таа ми рече: Вики, што да ти кажам, што да ти речам – се присети сведокот.

Сведокот кажа дека тоа траело една година, од април 2014 до април 2015 година, а нејзината улога била само да се примат барањата и да се предадат.

Адвокатот на Мунир Пепиќ со раце му даваше знаци на клиентот да не му поставува прашања на сведокот од МВР, кога тој крена рака за да ја испрашува Димитровска.

Во предметот „Титаник“, кој е во доказна постапка, покрај експремиерот Никола Груевски ќ, за серија кривични дела во поврзани со изборен криминал обвинети се ексзаменичката за правда Билјана Бришкоска-Бошковски, ексшефот на кабинетот на Груевски – Мартин Протоѓер, пратеникот Илија Димовски, поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, ексградоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, двајца од Агенцијата за разузнавање: Киро Тодоровски и Мунир Пепиќ, како и уште 11 други обвинети, вработени и членови на ВМРО-ДПМНЕ.


Жителите на Пустец за лични карти се сликале во „Беко“ по забрзана постапка 

Со испитување на вториот сведок во Кривичниот суд претпладнево продолжи судењето за предметот „Титаник“ на СЈО.

Сведокот, началничка на одделот каде работат сликарите во МВР, рече дека во периодот октомври 2012 до април 2013 година, добила наредба да бидат изработени лични карти за жителите од Пустец со нецелосна документација, која, било ветено дека ќе биде дополнително донесена.

– Гулевска ме повика и ми кажа дека треба да бидат изработени документите. Ќе треба да бидат фотографирани и тоа е наредба од Киро, советник на министерката во тоа време. Цел живот работејќи не ми беше сеедно да ја прифатам таа информација. И било ветено дека документацијата ќе биде доставена отпосле. Одговорно лице за носење на лицата ќе биде Мунир Пепиќ и странките ќе бидат сликани со документ што го поседуваат. Не знаевме за колку лица станува збор. Договорот беше да бидат сликани во полициската станица ‘Беко’ и да бидат посебно одвоени за изготвување – рече сведокот.

– Линкот беше сликање, одобрување, издавање на готови лични карти – се присети сведокот.