Сведокот Томислав Лазаров, кој е осуден во случајот „Насилство во Центар“, а денеска сведочи за денот на протестите и што претходело на истите, пред судот рече дека како што тој известувал што се случува на седницата во Општина Центар, така се зголемувале тензиите пред бараките.

Даниела Рангелова како советник во Општина Центар немала комуникација со обвинетите во случајот, кажа Лазаров, по што дополни дека таа постојано реагирала и негодувала кога тој се обидувал да ја одолжи седницата за да не се изгласа дневен ред.

– Тоа го напоменав и во исказот во кој што наведов дека ниту еден од останатите членови на советничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ ниту имал ингеренции, ниту пак, претпоставувам сакал да ги има за ваков настан. Даниела Рангелова постојано реагираше со негодување на сите мои укажувања, пренесувања на информации дека седницата треба да трае подолго за да не се усвои дневниот ред. Јас седев до неа на двете седници и имав можност колку-толку да видам со кого комуницира. Поголемиот дел од комуникациите на Рангелова беа со нејзиното семејство, но не и со лицата кои претходно ги споменав, а јас ги известував – рече Лазаров на прашање од Рангелова дали ќе се согласи дека таа не учествувала во организација на протестите и не контактирала со Јанакиески и Божиновски.

Осудениот сведок Лазаров, посочи дека немало насока од Јанакиски и Божиновски, кои ги спомена претходно, дека протестите треба да бидат насилни.

– Никој немаше добиено таква насока, во однос на партиската организираност на протестите, во ниту еден момент не беше воопшто споменато дека протестите треба да бидат и насилни – рече Лазаров на прашање од адвокат кој дополнително кажа дека не ги познава Дарко Стојчевски, Даниел Трипуновски и Трајче Петковски кои се обвинети во истиот случај.

За Јанакиески немал писмено известување дека е координатор на општинскиот комитет, чиј претседател во тоа време, бил самиот Лазаров.

– Мене како на претседстел освен дека сум именуван, а со тоа и член на ЦК немам друго писмено известување. Немав писмено известување за тоа кој е координатор на општински комитет. Кажав дека лично од страна на Миле Јанакиески дека тој ќе биде тоа. И кога беше направена промена на координатор, исто усно ми беше кажано. Тоа е по овие настани – сведочеше Лазаров.

Насилствата во општина Центар се случија во 2013 година кога група граѓани се собраа пред општината за наводно да ја одбранат изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“. За овој случај беа објавени и прислушувани разговори во кои се слушаше како тогашниот премиер Груевски нарачува шлаканици за градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски.