Струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев, кој денеска во Кривичниот суд неколку часа сведочи во случајот „Поткуп“, во кој обвинет е премиерот Зоран Заев, на продолжението од рочиштето рече дека снимката од ПИ мерките што била прикажана на телевизија не била целосна.

Сачевалиев пред судот кажа и дека откако ја имал опремата за снимање на него, го наведувал Заев да го каже тоа што е прикажано на снимката.

Интегралната снимка за „Поткуп“, како што беше најавено, требаше да биде пуштена на денешното рочиште, но судот реши тоа да не се прави по забелешката од ЈО дека станува збор за ПИ мерки и заради заштита на сведокот.

Сачевалиев на почетокот на рочиштето тврдеше дека премиерот Зоран Заев му побарал поткуп за приватизација на државно градежно земјиште. Но, подоцна кажа и дека не дал ниту евро на семејството Заеви.

На прашање на судијата дека денеска пред Судот ги менувал исказите во врска со изјавите што ги давал пред Јавното обвинителство, како и за тврдењата на адвокатите дека три пати давал изјава во Обвинителството, Сачевалиев одговори дека се сеќава оти потпишал два записника, а дека третиот првпат го гледал.

Сачевалиев одговараше и на прашања на Заев. Прашан дали имало истраги потив него во период од 2008 до 2013 година, а по постапката против Заев биле отфрлени, Сачевалиев рече дека нема никаква поврзаност меѓу тие две работи.

Сачевалиев денеска претходно пред судот кажа дека Заев му барал три евра поткуп од метар квадратен – едно за него, едно за црквата и едно за партијата, што е различно од тоа што го напишал во изјавата во ЈО, дека му биле побарани три евра за изградба на црквата.

Од ЈО го приложија на увид оргиналниот документ од изјавата на Сачевалиев. Тој уште еднаш потврди дека потписите на четирите страници од изјавата се негови, но оти текстот бил променет.

На прашање на адвокатот како од МВР му ја дале и инсталирале опремата за снимање, Сачевалиев појасни дека му побарале палто, по што ја наместиле опремата за снимање.

Инструкции за снимањето му давале двајца припадници на МВР. Половина пред час пред средбите со Заев тие му ги давале палтата (зимско и летно), по што повторно му ги земале. Тврди дека палтата не се кај него туку останале во МВР. Сачевалиев кажа и дека обвинителот не бил присутен на секоја средба со инспекторите од МВР, но потврди дека неколкупати тој доаѓал кај него во Обвинителството во Скопје.

При едно доаѓање во МВР, пак, како што наведе, случајно се сретнал и со Митко Чавков кој пред инспекторите го пофалил дека е „Сачевалиев е најголем работник во Струмица“.

Зоран Заев во „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на Струмица од бизнисменот Сачевалиев побарал поткуп од околу 160.000 евра за легализација на градежно земјиште.