Борче Ристевски со неговата ќерка Сара

Сара Ристевски (24) првпат проговори за смртта на нејзината мајка, откривајќи дека го прашала нејзиниот татко Борче Ристевски дали тој е одговорен за убиството, во интервју за телевизиската емисија „60 минути“, пренесува австралискиот портал „Њуз“.

– Не можам да го исфрлам тоа од главата – вели Сара во најавата за интервјуто кое треба да се емитува в недела.

Сара остана покрај татка си, давајќи му поддршка наспроти обвинувањата со кои тој се соочуваше во текот на судењето. Дури и по пресудата, таа во написмениот опис на неговиот карактер наведе оти Борче е „полн со љубов“, „внимателен“ и заштитнички настроен татко“, кој „секогаш и помагал на Карен“.

– Сигурно го праша твојот татко, дали ти го стори ова? Го праша? Дали ти ја уби мојата мајка – гласат прашањата на Лиз Хејс која го водеше интервјуто со Сара, на што ќерката на Ристевски одговара дека го поставила прашањето барем еднаш. 

– Дури и откако беше обвинет, дали го праша, тато дали ти го стори ова. Мислам дека луѓето треба да знаат – инсистира новинарката.

Сара, пак, одговори „го прашав дали имал нешто во врска со тоа“.

Во телефонски разговор снимен од полицијата во 2016 година, може да се слушне како Сара го испрашува Борче. Таа сакала да знае зошто тој го исклучил телефонот на два часа додека возел во правецот на Маунт Маседон, дента кога ичезнала Карен.

Ристевски првично беше осуден на девет години затвор, за казната потоа да биде продолжена на 13 години со одлуката на Апелациониот суд во австралиската сојузна држава Викторија, врз основа на поднесената жалба од страна на Обвинителството.

Ристевски беше обвинет за убиство на тогаш 47-годишната сопруга Карен, која последен пат била видена на 29 јуни 2016 година, на оддалеченост од околу 50 километри од националниот парк кај Маунт Маседон во северен Мелбурн, каде што нејзините останки биле пронајдени осум месеци подоцна, во февруари 2017 година.

Максималната казна за убиство без умисла изнесува 20 години, а признавајќи го злосторството, Ристевски избегна доживотна затворска казна. Незадоволство од првичната пресуда изразија организациите за спречување на семејното насилство, како и членовите на семејството на Карен, кои сметаа дека правдата не е задоволена. Обвинителството затоа одлучи да се жали на, како што посочи „јасно несоодветната казна“. М.Ж.

Карен (лево) заедно со Борче и со нивната ќерка Сара