Обвинителството размислува да вложи жалба на пресудата за Борче Ристевски, поради негодувањето во австралиската јавност за деветгодишната затворска казна која ја доби Македонецот од Мелбурн, за убиство без умисла на неговата сопруга Карен, во 2016 година, пренесуваат австралиските медиуми.

Ристевски би можел да биде ослободен по четири и пол години, земајќи го в обзир времето кое веќе го помина во затвор. Максималната казна за убиство без умисла изнесува 20 години, а признавајќи го злосторството, обвинетиот избегна доживотна затворска казна. 

– Казната како и секоја, ќе биде на разгледување за можна жалба. Но уште не е донесена никаква одлука – изјави гласноговорник на обвинителството за австралискиот весник „Ејџ“.

Опозицискиот лидер од сојузната држава Викторија Мајкл О’Брајан ја опиша пресудата како „болно неадекватна“ и побара да биде оформен парламентарен комитет за да ги разгледа и реформира „расипаните закони за изрекување казни“ во Викторија.

Незадоволство од пресудата изразија организациите за спречување на семејното насилство, како и од семејството на Карен, кои сметаат дека правдата не е задоволена. 

Обвинителството има рок од 28 дена за поднесување на жалба.

Ристевски се соочи со обвинението за убиство на тогаш 47-годишната сопруга Карен, која последен пат била видена на 29 јуни 2016 година, на оддалеченост од околу 50 километри од националниот парк кај Маунт Маседон во северен Мелбурн, каде што нејзините останки биле пронајдени осум месеци подоцна, во февруари 2017 година. М.Ж.