Судењата можеби се чини дека траат предолго, но во месец септември само шест рочишта се закажани, а со оглед на обемноста на предметот и доказниот материјал сметам дека тогаш ќе имаше приговори дека многу долго трае постапката, изјави денеска јавната обвинителка Вилма Рускоска, одговарајќи на новинарски прашња на паузата на судењето за случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година.

– Не е точно дека рочиштата траат 13 часа. Го следите судењето и знаете дека има и долги и големи паузи. Сметам дека со ништо не е нарушено правото на одбрана на обвинетите. Напротив, бидејќи сите до еден се изјаснија дека не се виновни, сметам дека е во нивни интерес што побрзо да заврши постапката, како би можеле евентуално да бидат ослободени, рече Рускоска.

Во однос на приговорите за делото, кое им се става на товар на обвинетите, и можноста за преквалификација, Рускоска рече дека од поведување на истрагата се работи за истото кривично дело.

– Никој никогаш не беше обвинет за тероризам. Пред донесување наредба за спроведување на истражна постапка предметот со доказите беше рефериран пред комплетниот колегиум на Јавното обвинителство на Република Македонија, како и пред колегите на вишото јавно обвинителство, на проширен колегиум. Сите до еден застанаа на мислење дека се исполнети сите елементи на ова кривично дело, рече Рускоска.

Прашана дали се чувствува безбедна, обвинителката Рускоска, кусо и отсечно одговори со да.

Посочи дека обвинителството има задача да се утврди фактичката состојба и единствена цел е правилно утврдување што навистина се случило тој ден и кој е одговорен за случувањата.

Прашана до каде е постапката за нарачателите на овој случај, Рускоска, изрази надеж дека ќе има, но посочи дека се уште се во предистражна постапка.

Во однос на информациите дека како сведок од одбраната е повикан Никола Груевски, Рускоска, рече дека ако сметале дека треба да биде повикан, ќе го повикале, но тој реално не бил ниту во државата на тој ден.

Претседателот на судечкиот совет Добрила Кацарска, пред почетокот на судењето кажа дека во однос на реакциите за траењето на судските рочишта, тоа е поради економичност на судскиот процес и согласно конвенцијата на европскиот суд за човекови права, која голем акцент става на правото на судење во разумен рок.
 
За случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.
 
Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници и граѓани.