Обвинителниот акт за случајот „27 април“ не претрпе суштински измени и останува истото кривично дело, изјави денеска пред Кривичниот суд јавната обвинителка Вилма Русковска.

– Обвинителниот акт не претрпи суштински измени. Има прецизирања со оглед на дополнителните докази кои беа презентирани. Со оглед на Законот за амнестија мораше попрецизно да се објасни кој од обвинетите што направил, а тоа ќе биде во завршните зборови – изјави Русковска.

На новинарско прашање дали тоа значи дека останува истото кривично дело, обвинителката Русковска, рече „да“.

Денешното рочиште за насилствата во Собранието на Македонија на 27 април 2017 година, се одложи за 31 јануари, бидејќи како што информира судијката Добрила Кацарска, сѐ уште не се правосилни сите одговори по жалбите на одбиените барања за амнестија од Апелација.

– За Абдулфета Аљими била закажана јавна седница на Апелација за петок, но не се одржала и е закажана за денеска. Обвинителката Вилма Русковска следната недела ќе биде службено отсутна и тие рочиштата се откажуваат, па следното рочиште ќе се одржи на 31 јануари – изјави Кацарска.