Обвинителката Вилма Русковска по завршување на рочиштето за „Рекет”, запрашана за изјавата на Катица Јанева на едно од минатите рочишта кога кажа дека јавноста ќе види дека станува збор за потпуп, искоментира дека таа досега не сфатила за што е обвинета, алудирајќи на тоа дека не се товари за земен рекет, туку само злоупотреба на службена положба и овластување.

– Обвинителството за кое кривично дело сметаше поднесе пријави, односно за противзаконско посредување и перење пари,а изгледа колешката не сфатила досега дека е обвинета за злоупотреба на службена положба и овластување – рече Русковска.

На следното рочиште, на барање на Русковска ќе бидат изведени снимки, за кои обвинетиот Бојан Јовановски рече дека ќе ја отворат Пандорината кутија, а за кои заедно со Катица Јанева бараа да се чујат во јавност.

– Одбраната и обвинетите направија голем проблем околу тоа, јас лично сметав дека прикажувањето на тие разговори се непотребно одолговлекување на постапката, но ете сепак поради јавноста и да нема никакви сомнежи дека обвинителството не сака да прикаже некакви докази кои наводно одат во корист на одбраната, предложив утре да се слушнат и тие снимки – вели Русковска.

Русковска не сакаше да коментира за законот за јавно обвинителство, бидејќи, како што кажа, ќе чека да биде објавен во Службен весник за да го види официјалниот текст.