Во завршните зборови во случајот „Рекет“, обвинителката Вилма Русковска пред судот кажа дека одбраната на обвинетите Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева, се обидува да докаже нешто што не се докажува.

Русковска рече дека со сведочењето на Ана Камчева се докажало како течела исплатата на првите 500.000 евра, а потоа дека Сергеј Варошлија го потврдил тоа, со тоа што сведочел дека ги гледал осудениот Зоран Милески-Кичеец и Камчева како доаѓаат во канцеларијата и домот на Јовановски.

За исплатата на останатиот еден милион, Русковска кажа дека тоа е докажано со исказот на Камчев.

– Од тие кои ги поддржувавме, доживеавме разочарување кога клучниот лик во „Чарлиевите ангели“ премина на страната на злото – рече Русковска во завршните зборови.

Русковска го коментираше и исказот на Бојан Јовановски пред судот, за што кажа дека Обвинителството поседува докази дека Јанева и Јовановски разговарале за предмети на СЈО, покрај љубовните и семејните работи како што сведочеше обвинетиот.

Обвинителката го искоментира и надоместокот кој Јанева го земала за чување на тајни.

 – Не знам зошто Јанева земаше пари за чување тајни кога Јовановски го знаеше предметот „Империја“ подобро и од Стефанова – кажа Русковска.

За добивањето на пријавата за „Рекет“ од страна на Орце Камчев, Русковска рече дека во тој момент мислела дека се наоѓа во лош сон, а за побараните пари истакна оти „повеќето од нас не можеме да ги замислиме ни на сон, а не на јаве“.

По завршните зборови на Обвинителството, тоа ќе го направат и обвинетите, како и нивните бранители.

Судењето за „Рекет“ трае шест месеци и е во завршна фаза.