Кога возите оставете го мобилниот телефон настрана. Без изговори и без оправдувања. Животот и здравјето, но и безбедноста – нека ви бидат секогаш на прво место, апелира Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Како причина за одвлеченото внимание на возачот, мобилниот телефон учествува со 20 до 25 отсто од сите сообраќајни незгоди. Со развојот на технологијата, во наредните години, се очекува овој проблем дополнително да се зголемува.

-И покрај црната статистика, на светско ниво, 45 проценти од возачите го користат мобилниот телефон додека возат, а според истражувањата на РСБСП, во Република Македонија, 63 отсто од возачите користеле мобилен телефон додека возат. Универзитетска студија во САД, проценува дека употребата на мобилни телефони за време на возењето, резултира со околу 2.600 смртни случаи и 330.000 сериозни повреди годишно, а пак истражувањата на СЗО покажуваат дека употребата на мобилен телефон ја зголемува опасноста од сообраќајна незгода за четири до девет пати, укажува Советот.

Воедно додава дека пишувањето смс порака зад волан е еднакво на возење со затворени очи цели шест секунди за кои возило со брзина од 60 километри на час поминува 100 метри.

-Употребата на мобилен телефон додека се управува моторно возило е ризично, опасно, но и спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Возач кој зборува или пишува на мобилен телефон додека вози, се санкционира со 40 евра во денарска противвредност или со регистрирање 25 негативни бода во возачката книшка. Но, и покрај тоа, голем број возачи користат мобилен телефон додека управуваат возило и на тој начин го прекршуваат Законот и ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот, информира РСБСП.