Фото: Дарко Андоновски

Очигледно чистиот воздух не е приоритет за поединци, но и организирани групи, кои смислено ги опожаруваат шумите и ливадите за да дојдат до евтино огревно дрво, кое подоцна двојно поскапо го продаваат, или пак до нови пасишта за својот добиток

Пожарот што деновиве зафати делови на Скопска Црна Гора повторно го актуализира проблемот со заштитата на природната околина во Скопје, во време кога градот конечно почна да дише малку почист воздух. Уништувањето на шумите околу Скопје придонесува за дополнително влошување на состојбата со амбиенталниот воздух во главниот град, чија загаденост во зимските месеци урива светски рекорди. Токму од тие причини, сите апели се свртени кон зачувувањето на шумите на Водно, Скопска Црна Гора, но и на Китка, како главни бели дробови на Скопје. Очигледно чистиот воздух не е приоритет за поединци, но и организирани групи, кои смислено ги опожаруваат шумите и ливадите за да дојдат до евтино огревно дрво, кое подоцна двојно поскапо го продаваат, или пак до нови пасишта за својот добиток.

Некои од жителите на населените места на Скопска Црна Гора велат дека секоја година има некаков проблем со опожарување. Има дел несовесни граѓани што знаат да палат стрништа и трева, а во тој процес работата може да излезе надвор од контрола, особено кога има ветровито време.

– Дваесет години се случуваат вакви проблеми, сигурно и порано се случувале вакви работи. Откако паметам локалното население ги гори ливадите и стрништата. Некогаш тоа излегува надвор од контрола и настануваат пожари како оној од завчера. Инаку, јас и моето семејство бевме во близината на Бутел и забележавме дека има некаква светлина на Скопска Црна Гора, наедно мирисаше на изгорено. Сфативме дека има пожар на планината и го пријавивме. Оган, јас колку што знам, тешко може да се контролира. Затоа најдобро е да не се игра со него – вели Никола Арсовски, жител од Радишани.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од скопската противпожарна бригада велат дека пожарот избувнал во 12.40 часот, во кумановскиот дел на Скопска Црна Гора, кај местото Влаин Гроб, во селото Матејче. Пожарот почнал да се шири кон селата Никуштак, Виштица и кон Матејче во горниот дел од планинскиот превој, а гаснењето било отежнато поради ветрот и непристапниот терен. Според нив, пожарот бил локализиран во текот на вчерашниот ден.
– Во 12.40 часот во кумановскиот дел на Скопска Црна Гора избувна пожар во кој беа зафатени нискостеблеста шума и сува трева. Во 15 часот дувна посилен ветер и го пренесе пожарот и на скопската страна од планината. Пожарот беше успешно локализиран, останува уште еден дел да гори, но наскоро и тој ќе биде скротен – вели Владимир Симоновски, командант од скопска противпожарна бригада.

Тој уште додава дека во тој дел на планината, поради конфигурацијата на теренот, немале пристап, па затоа интервенирале и авионите за гасење пожар.
Од скопската противпожарна бригада велат дека досега процените за опожарена површина изнесуваат околу 1.500 метри во радиус. Опожарениот дел се наоѓа наспроти скопскиот и кумановскиот дел од планината Скопска Црна Гора, по целиот срт на планината, на која е изгорена само трева.

Според изјави на граѓаните, пожарот најверојатно е предизвикан од човечки фактор, а слично мислат и пожарникарските служби.
– Најчестата причина за пожари се луѓето. Околу 90 отсто од пожарите во Скопје се предизвикани од човечки фактор. Моменталниот случај за причината за пожарот е опожарување трева. Во повисоките предели се прават пасишта, па луѓето ја горат тревата за да никне нова. Од друга страна, можноста за опожарување од топлина не е можна, високите температури се јавуваат во текот на летото, а сега е март – вели Симоновски.

Околните пожари претставуваат дополнително загадување на веќе загадениот воздух во градот.
– Со оглед на тоа што поголемиот дел пожари се предизвикани од луѓе, тука спаѓаат горењето сува трева и палењето контејнери, стрништа и диви депонии, изгледа дека ние сами си го дозагадуваме воздухот – додава Симоновски.
Затоа од скопската противпожарна бригада апелираат до граѓаните да бидат посовесни и поодговорни, особено во периодот што следува.

[email protected]


Палењето стрништа секоја година зема понекој човечки живот

Палењето стрништа е зачестено во овој период од годината, кога нивите се подготвуваат за пролетното орање. Но ваквата практика, покрај тоа што предизвикува големо загадување на воздухот, често доведува пожарот да излезе од контрола и да зафати површини од големи размери, често и цели шуми.
Во неколку случаи палењето заврши и со трагични последици по оние што го иницирале пожарот, а тоа се најчесто постари лица, кои не можат брзо да реагираат и да побегнат од огнот.
Последен случај е од изминатиот викенд, кога во кочанското село Оризари 82-годишен старец палејќи стрниште паднал и се задушил од чадот. Истиот човек пред неколку години бил зафатен од пламените јазици додека палел стрниште, но тогаш имал повеќе среќа и успеал да се спаси.
Кон крајот на февруари, 80-годишен жител на велешкото село Мартолци палел стрниште, но бил зафатен од огнот и целосно изгорел. Слична несреќа пред неколку години му се случи и на пензионер од виничкото село Јакимово, кој палејќи стрниште на својата нива се запалил обидувајќи се да го изгасне пожарот, кој излегол од контрола. Пред десетина години изгоре и 74-годишен велешанец, кој горејќи сува трева на својата нива во околината на Велес, бил зафатен од пламенот што ненадејно се распламтел поттикнат од силниот ветер.
Инаку, според Законот за земјоделско земјиште, забрането е палење оган во посевите, во стрништата и во нивна близина, а казната за физичкото лице што ќе запали стрниште изнесува 100 евра во денарска противвредност, односно 50 евра ако се плати во рок од осум дена. С.Т.