Пратеничката од СДСМ, Фросина Ременски по распитот во Обвинителството за организиран криминал и корупција изрази верување дека обвинителката Вилма Русковска ќе ја запре постапката против неа. Таа вели дека тоа го очекува врз база на доказите и исказите.

– Дадовме одговори и појаснувања за прашања кои можеби биле причина за отворање на истрагата. Секако, ги расчистивме сите прашања во тој контекст кои се дилема на Јавното обвинителство. Сметаме дека врз база на исказите и доказите, јавното обвинителство ќе цени да ја запре постапката кон мене во овој предмет – рече Ременски по распитот кај Русковска.

Таа е осомничена дека помагала во извршувањето на кривичните дела измама и перење пари за кои се осомничени пет физички лица, и тоа, заменик-претседателката на Меѓународниот Сојуз – Јасна Мандиќ, таткото на Бојан Јовановски – Миле Јовановски, асистентката на Јовановски – Кристина Блажевска како и самиот Бојан Јовановски.

Ременски остана и без пасош, а има и забрана да го напушти Скопје како мерка на претпазливост. Обвинителството одзеде два телефони, но и компјутери и други предмети при претрес во нејзиниот дом.

Обвинителката Вилма Русковска најави обвиненија на почетокот на новата година.