Рочиштето за случајот „Рекет” е одложено за утре, откако првообвинетиот Бојан Јовановски поради влошена здравствена состојба не се појави денеска пред кривичниот суд. Судот нареди конзилијарно мислење од лекари од Клиничкиот центар кои денес ќе го прегледаат Јовановски.

На денешниот преглед пред судењето тој се жалел на болки во стомакот, гадење и нагони на повраќање, а лекарот испратил мислење дека Јовановски не е способен да го следи рочиштето.

– Со цел да се избегне манипулација и злоупотреби со здравствената состојба, судот ќе даде наредба Јовановски да биде конзилијарно прегледан од тим лекари од Клиничкиот центар во Скопје и ќе се утврди дали ќе може да ја следи постапката во понатамошниот тек, за да немаме пред секое судење вакви ситуации – рече судијката Васка Николовска-Масевска.