Поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски нуди половина милион евра за да излезе од притвор, објави „360 степени“ повикувајќи се на информации од Јавното обвинителство.

Тие дознаваат дека Вишото јавно обвинителство дало позитивно мислење за Рашковски да го напушти затворот во Шуто Оризари, со што Апелациониот суд треба да донесе конечна одлука.

Рашковски е во притвор од 21 април. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 18 март отвори предмет, по допрен глас, во врска со набавката на софтверот за „определување на просечна брзина на возилата во сообраќајот и изрекување казни“, што лани го набавил Рашковски, додека беше на функција, за 81.000 евра. Софтверот не е во функција и по осум месеци откако е испорачан. На 9 април Обвинителството изврши претрес во фирмата „Инвока груп“ од од која е купен софтверот.