Презакажана е расправата за предметот „Тендери“ која требаше да се одржи денеска. Расправата се одложува за 12 месецов поради изолација на еден од обвинетите, информираат од Кривичниот суд.

– Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат главната расправа за предметот со КОК бр. 64/17 од обвинителството означен како „Тендери“, ја информираме јавноста дека расправата насрочена за денеска се одлага заради изолација по добиен позитивен ковид-тест на еден од обвинетите. Следниот термин за продолжување на главната расправа е на 12.4.2021 година за што веќе се известени странките во постапката, а за евентуални нови промени јавноста ќе биде благовремено информирана – соопшти Основниот кривичен суд Скопје.

Случајот „Тендери“ се наоѓа во доказна постапка. Според обвиниението, дел од градежните работи во Музејот на ВМРО се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, поранешната министерка за култура, првообвинетата Елизабета Канческа-Милевска, преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.