ЕВРОПОЛ РАЗБИ АЛБАНСКА КРИМИНАЛНА МРЕЖА ШТО РАБОТЕЛА СО ШВЕРЦ НА МАРИХУАНА

Европол успешно помогна во акцијата на шпанските, германските и албанските власти за разбивање организирана криминална група што била осомничена за илегална трговија со дрога што ја реализирале албански наркобосови. А градовите близу граничните премини со Република Албанија, како што се Струга, Охрид и Ресен, се честа маршрута на албанските шверцери, а вешто се користи и Охридско Езеро за пренос на голем број илегални предмети и производи. Но наркотиците не се единственото нешто што се шверцува преку Охридско Езеро. Рибниот фонд во езерото постојано трпи како резултат на нелегалниот риболов. Граничната полиција доста често затекнува кајчиња од Албанија што нелегално ја минуваат водната граница и незаконски ловат риба. Исто така, честопати се запленуваат и рибарски мрежи оставени од рибарите. Езерото се користи и за шверц на украдени икони од пограничните населени места, но и за кражба на кајчиња закотвени во езерото. Преку езерото е познат и транспортот на шверцувана охридска пастрмка, но на тоа веќе никој не обрнува внимание, тоа се смета за нормална прекугранична размена

Албанија е една од земјите што се најпознати по нелегалниот бизнис со шверц на дрога. Марихуаната е една од дрогите што им носат баснословни нелегални заработки на криминалните организации. Низ годините, наркобосовите само наоѓаа многубројни инвентивни начини за да ги задоволат своите апетити за пари, а коронавирусот дополнително им ја олесни работата. За жал, една од трасите низ кои заработуваат албанските криминални групи е и Македонија, но и другите земји каде што има голем број корисници на оваа опојна дрога. Патот до откривањето на криминалците е тежок, но не недостижен. Сепак, полициските власти успешно ги пронаоѓаат и апсат сите соработници на наркобосовите во Албанија, па дури и оние што оттаму се преселиле во другите земји, за последно да го организираат транспортот на марихуаната.

УАПСЕНИ ДУРИ 107 ЛИЦА

Европол успешно помогна во акцијата на шпанските, германските и албанските власти за разбивање организирана криминална група што била осомничена за илегална трговија со дрога што ја реализирале албански наркобосови.
Во акцијата биле уапсени дури 107 лица.
Според досегашната истрага, групата имала плантажи на кои одгледувала канабис во Шпанија, каде што произведувале марихуана и ја испраќале во другите европски земји за продажба.
Во акцијата биле пребарани дури 42 локации во Шпанија, каде што биле откриени 51 плантажа со канабис, 25 илјади стебла од ова растение и дури 70 илјади евра скриени во возила.
Групата работела според утврдена хиерархија и со интернационални соработници. Некои од уапсените лица веќе ѝ се познати на полицијата како шверцери на дрога во други држави.
Групата реализирала дури и пренасочување на електричната енергија за да може да го одгледува канабисот во затворени простории. Се проценува дека украдената електрична енергија го оштетила електричното претпријатие за повеќе од 1,6 милион евра.

МАКЕДОНИЈА ДЕЛ ОД АЛБАНСКАТА МАРШРУТА НА МАРИХУАНАТА

Општо е познато дека добра почва за трговија со марихуана за албанските наркобосови е и Македонија. Градовите близу граничните премини, како што се Струга, Охрид и Ресен, се честа маршрута за албанските шверцери, а вешто се користи и Охридско Езеро за пренос на бројни илегални предмети и производи.
Во мај годинава, во полициска акција кај Ресен беа уапсени тројца албански државјани и беа запленети 65 килограми марихуана, во вредност од 200 илјади евра.
Тројцата албански државјани што беа уапсени тогаш биле дел од меѓународен канал за транспорт на наркотична дрога од Албанија, преку Македонија, па до Грција.
– На регионалниот пат од Трпејца кон Стење, преку националниот парк Галичица, биле запрени две патнички возила марка „мерцедес“, со албански регистарски ознаки, во кои била дрогата. При извршен преглед на возилата, од кои едното било управувано од К.К., а совозач бил М.Ф., додека второто возило го управувал Ф.Б., биле пронајдени и одземени три големи торби со марихуана, спакувана во 44 пакувања – информираа тогаш од Министерството за внатрешни работи.
Еден месец подоцна, албанските полициски власти успешно спречија шверц на марихуана преку градот Поградец, преку Охридско Езеро. Во акцијата беше уапсено едно лице, а по неговиот брат, кој исто така бил дел од шверцот, полицијата трагаше.
Според полицијата, постоеле основи на сомнение дека трговијата со дрога од Албанија кон Македонија, преку Охридско Езеро, браќата и други нивни соработници ја извршувале повеќепати досега.
– Благодарение на добро организираната акција, спречен е шверц на помало количество марихуана. Како материјален доказ се запленети чамец, два мотора „јамаха“, две електронски ваги, алати и друга опрема што биле користени за оваа криминална активност – известија од полицијата.

СЕ ШВЕРЦУВААТ И ИКОНИ, РИБИ, ПА И ХРАНА

Дрогата не е единственото нешто што се шверцува преку Охридско Езеро. Рибниот фонд во езерото постојано трпи како резултат на нелегалниот риболов. Граничната полиција доста често затекнува кајчиња од Албанија што нелегално ја минуваат водната граница и незаконски ловат риба. Исто така честопати се запленуваат и рибарски мрежи оставени од рибарите. Езерото се користи и за шверц на украдени икони од пограничните населени места, но и за кражба на кајчиња закотвени во езерото. Преку езерото е познат и транспортот на шверцувана охридска пастрмка, но на тоа веќе никој не обрнува внимание, тоа се смета за нормална прекугранична размена.
Пред десетина години, шверцери од Албанија се обиделе преку езерото да шверцуваат кафе. Оваа акција, пак, беше спроведена од страна на албанската полиција, која успешно спречила 1,5 тон кафе да биде нелегално внесен во земјава. Албанската полиција ги открила во близината на градот Лин, кај Поградец, додека вршеле растовар на кафето. Во моментот кога ја виделе полицијата што доаѓала кон нив, тие го оставиле кафето и се разбегале. Бил идентификуван еден од сторителите, а според тамошните власти, шверцерите од Албанија имале свои соработници и во Македонија.
Познато е дека од Албанија во Македонија и преку копнените гранични премини, особено кај Ќафасан, близу Струга, во повеќе наврати е пронајдена и запленета марихуана во големи количества, во комбиња и камиони. Албанските криминалци се вбројуваат меѓу најголемите производители на марихуана во Европа. Албанската полиција во неколку случаи преземаше сериозни акции да ги уништи полињата со канабис, на што бандите даваа силен отпор, често и оружен.

[email protected]