Во Кривичниот суд заврши денешното рочиште на кое беа слушани „бомбите“ за предметот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство во кој се обвинети неколку поранешни функционери за изборите во 2012 година.

Во дел од „бомбите“ беа слушнати разговори меѓу поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески, Мартин Протуѓер, шеф на Кабинетот на поранешниот премиер и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски во кои разговараат како да се анимираат гласачите за изборите што се одржаа во 2012 година.

По барање на Специјалното јавно обвинителство, седум од вкупно 1.063 -те „бомби“ ќе бидат слушани без присуство на јавноста бидејќи во нив има приватни разговори.

Одбраната денеска бараше „бомбите“ воопшто да не бидат пуштени и ги оспори како валиден доказ.

– Мојот предлог што го поднесов денеска до Судот не беше за веродостојноста на доказите и за она што е веќе одлучувано, туку имајќи во предвид дека се почнува со презнетација на материјалот предложив да се обезбеди да може да се докаже или покаже дали овие снимени материјали што се доставени во Судот имаат свој оригинал, дали се оригинални или, пак, се втора, трета или некоја друга снимка која што се доставува до Судот, изјави адвокатот Еленко Миланов по завршувањето на денешното рочиште.

Тоа, нагласи, го направив во насока на законската одредба која вели дека само оригиналот и оригиналните докази можат да бидат предмет на изведување како доказ во судска постапка.

– Токму и мојот предлог не е истаканат досега и не може да биде истакнат, бидејќи оригиналноста на доказот се проверува пред неговата презентација, рече Миланов.

Прашан како ќе реагира на одлуката на судијата Осман Шабани, предметот да се разгледува до 18 часот, Миланов посочи дека законот само го одредува местото каде ќе се одржи судењето, но не и времето.

– Мислам дека ваквото работно време нема да продолжи затоа што ако Судот одлучува за неговото работно време треба да размислува и за нашето работно време, бидејќи и ние имаме работно време коешто е ограничено со Адвокатската комора и другите институции. Не верувам, а особено не во ситуација која една од обвинетите е на трудничко боледување, дека ќе продолжи таквото работно време, рече Миланов.

Според него, држењето на доилката подолго од два до три часа на ден е проблематично и по здравјето на детето и по неговиот развој. Затоа, како што кажа, треба да се остави на совеста на судиите и на оние кои одлучуваат за тоа колку долго треба да траат рочиштата.

– Сметам дека не може да се дојде до пресуда со одржување на долги рочишта, рече Миланов.

Адвокатот Петар Василев изјави дека денеска постапката дојде до фаза кога Обвинителството ги изведуваше доказите со репродукција на аудио снимки.

– Одбраната предложи да се одбие ваквиот предлог на СЈО, односно да не се дозволи репродукцијата на аудио снимките од едноставна причина што членот 12 од Законот за кривична постапка јасно и децидно утврдува дека не може да се употребуваат било какви докази кои се стекнати на незаконит начин. Ние го знаеме ставот и на Судот и на Обвинителството, а Обвинителството во повеќе наврати се обидува да ги озакони доказите, меѓутоа не е важно како доказите стигнале до СЈО и дали стигнале на законски или незаконски начин, туку е важно како тие настанале. Настанувањето на аудио снимките го дава и самиот закон за основање на СЈО со кој е утврдено дека следењето е незаконито, посочи Василев.

Тие, нагласи, не можат да бидат предмет на кривична постапка и не може да бидат доказ во кривична постапка и врз основа на нив не може да се заснова судска одлука.

– Не знам од кои причини Судот не ја прифати правната аргументација на одбраната и со сила продолжува да ги репродуцира материјалите. Не гледам какво кривично дело произлезе од оние материјали што денеска можевме да ги чуеме, рече Василев.

За предметот „Титаник“, од страна на СЈО поднесени се 5.910 материјални докази и предложени 191 сведок.

Обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.