Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, по неколкумесечна предистражна постапка, донесе наредба за истрага против осум лица, кои се занимавале со нелегална трговија со македонско културно наследство.

Како што информираат од Обвинителството, двајца од нив, кои во случајот ќе се водат како првообвинети, во периодот од мај минатата година до денес, со цел да стекнат противправна имотна корист, создале група, на која ѝ се придружиле и другите шестмина.

Осомничените одделно и заедно присвојувале и продавале предмети заштитени како културно наследство и природни реткости.
Употребувајќи сонди и детектори за метал, без дозвола од надлежен орган, испитувале локалитети на целата територија на државата.

Како ориентација користеле сателитски снимки, карти и рачно напишани текстови и преданија, а потоа со употреба на хилти, копачи и други градежни алати и градежна механизација правеле археолошки ископувања и минеролошко петрографски истражувања.

Откриените артефакти, иако знаеле дека потекнуваат од извршено кривично дело, ги присвојувале и ги прикривале на непознати безбедни локации или во своите домови.

Потоа стапувале во контакт со непознати лица припадници на групата, кои биле по потекло од Грција, Турција, Албанија, Хрватска, Србија и од САД и како на заинтересирани купувачи им ги продавале добрата по однапред договорена сума.

Купувачите артефактите ги изнесувале надвор од границите на Македонија, со што трајно го оштетиле археолошкото, историското, музејското и уметничкото истражување на државните научни институции и ѝ нанеле непроценлива штета на државата.
Осумтемина се осомничени дека со преземените дејства, освен злосторничко здружување, сториле и уште три други кривични дела: присвојување добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, изнесување во странство добра под привремена заштита и прикривање.

Карактеристично за овие групи, освен што недозволено користат детектори за метал, сонди и други алати за скенирање на длабочина, со себе недозволено држат и оружје, па, така, некои од обвинетите сториле и кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје.

Групата оперирала на регистрирани и нерегистрирани археолошки локалитети, и тоа: Вртекица, Сливица, Герман, Белица, Горна Јаболчица – Кичевско, Долно Јаболчиште – Велешко, Мочурлива Вода, Чатал Камен, Туњ, Чиндиро Кале, Медов Дол, Градиште – Црно Езеро, Ломница, Ченгово Кале, Бајрамова Круша, Ивањевци, Болдовенци, Журче – Крушевско, Ловор, Лопатица и на други локации.
Во денешната акција спроведена од страна на МВР, под раководство на предметниот обвинител, при претрес на домовите на осомничените пронајдени се артефакти и предмети од културно наследство со непроценлива вредност, сопственост на државата, како и природни реткости и други скапоцени предмети прибавени со кривично дело и тие ќе бидат предадени на идентификација.

Воедно, приведени се сите осомничени и во текот на денешниот ден ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје.

Надлежниот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските услови, до судија на претходна постапка ќе достави предлог за определување притвор за шестемина осомничени.