Извикувајќи пароли „Нема правда, нема мир“ и „Правда за Ромите“ денеска во Битола на протест излегоа неколку невладини организации и здруженија. На протестот, кој започна кај поштата, на местото каде што беа брутално претепани од полициски службеници неколку граѓани, кои во алкохолизирана состојба предизвикаа сообраќајна несреќа, учесниците движејќи се по Широк Сокак, па се до СВР Битола го
искажаа своето незадоволство од односот на полицијата и побараа драстични казни за полицајците кои применија непримерна сила против неколкутемина граѓани.

Беше речено дека Битола е позната во светот по дипломатијата и по културата, меѓутоа, за жал и како град каде што дискриминацијата ја чувствуваат највеќе, во однос на сите градови во нашата земја.

Исто така беше кажано дека овој протест нема ниту политичка, ниту верска основа и националана омраза и дека ова не е протест против целата полиција, туку дека се решиле на ваков протест за во иднина да не се случуваат вакви инциденти.

За среда во Битола е закажан контрапротест на полициските службеници кои бараат да се повлечат кривичните пријави против нивните колеги и да им се укинат суспензиите.

Инаку, по објавувањето на снимката на социјалните мрежи на која се гледа како полицајците во Битола со клоци и пендарци ги тепаат Ромите кои учествуваа во сообраќајната несреќа, односот на полицијаците наиде на остра осуда.

Против еден од полицајците е поднесена кривична пријава, како и суспензија, а суспендирни се уште двајца полицајци кои биле присутни за време на инцидент, но не го спречиле насилството. М.М.