Фото: Игор Бансколиев

По повод годишнината од настаните во Собранието на Македонија на 27 април 2017 година, македонски организации од Европа, Канада, САД и Австралија денеска во 11 часот организираат мирен протест под слоганот „Демократија во Македонија и слобода за уставобранителите!“. Протестот ќе почне пред Владата, а ќе заврши пред Собранието.

Повеќе опозициски партии, меѓу кои и ВМРО-ДПМНЕ, TMРО, Единствена Македонија, Интегра, Подем го поддржаа протестот. Од протестот до претседателот на Македонија, до Собранието, Владата, до верските заедници во Македонија, до ОН, Советот на Европа, ЕУ, НАТО и ОБСЕ ќе биде испратена Декларација за слобода на уставобранителите.

– Правдата не смее да биде слепа. И еден ден во затвор на неправедно осуден е тежок како година. Македонија не смее да ги заборави своите синови. Слобода за уставобранителите и поддршка на општонародниот протест – напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на својот фејсбук-профил.