Платформата за родова еднаквост за денеска организира протестен марш за поддршка на сите жртви на криминалната група „Јавна соба“. Ќе се маршира од Министерство за внатрешни работи до Јавното обвинителство.

– Бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот ‘Јавна соба’, кој претставува кривично дело, во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство. Бараме соодветни казни за администраторите на групите, како и за сите членови што праќале и сè уште праќаат фотографии и им пишуваат лични податоци на девојки и жени. Бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик. Бараме соодветна грижа за жртвите од надлежните институции. Неколку приведени членови и санирањето на штетите нема да нè замолчат – стои во повикот објавен на социјалните мрежи.

Маршот ќе почне во 14.30 часот пред МВР, а ќе заврши пред Јавно обвинителство.

– На двете локации ќе се обратиме до јавноста и институциите и ги охрабруваме жртвите на „Јавна соба“, доколку се подготвени, да ја искористат оваа шанса, да проговорат и да побараат правда. Овој случај е шанса за институциите да покажат дека се залагаат за женските права и во пракса, а не само декларативно – велат од платформата за родова еднаквост.

Најавуваат дека на маршот ќе бидат почитувани сите протоколи за безбедност, односно ќе се носат маски и ќе се држи дистанца, а ќе бидат ангажирани соодветен број редари, кои ќе бидат задолжени мерките за заштита од коронавирусот да се почитуваат од почеток до крај.