Основниот кривичен суд Скопје информира дека согласно бројот на активни предмети во работа во одделите на судот како и во Одделението за oрганизиран криминал и корупција, како и бројот на судии кои постапуваат по предметите, со одлука на претседателот на судот направена е промена во годишниот распоред за работа на судиите.

– Па така, судијата Фанка Јанчулева Михаиловска од Одделот Кривично полнолетни е распределена да постапува во Одделението за Организиран криминал и корупција, со што ги презема предметите по кои досега постапуваше судијата Владимир Туфегџиќ, кој беше разрешен по негово барање. Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ги следат главните расправи, ја информираме јавноста дека меѓу предметите кои ги презема новиот судија во одделението се и предметот со КОК бр. 30/20 познат како „Шпански скали“ за кој расправата е насрочена за 20 октомври во 10 часот, како и предметот со КОК бр. 65/21, познат како „Еразмус“ за кој расправата е насрочена за 2 ноември во 11 часот, за што странките се веќе известени – додаваат од судот.