Во Кривичниот суд за денеска е закажано ново рочиште предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство. Во „Тенк” обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра.

Според обвинението, во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Никола Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес“, модел „С-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“.

Јанкулоска за да го исполни барањето, пак, го поттикнала обвинетиот помошник-министер Ѓоко Поповски да стори кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.

На претходното рочиште што се одржа на 15 март беа сослушани тројца сведоци. По нивните искази, судијката Добрила Кацарска го прекина судењето поради неприсуство на четвртиот сведок, кој бил уредно поканет, а следното рочиште го закажа за денеска.