Во Основниот суд Скопје 1 Скопје за денеска се закажани нови рочишта за предметите „Тревник” и „Титаник” на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Предметот со кодно име „Титаник“ ќе започне во 10.30 часот, овој предмет се наоѓа во доказна постапка и се изведуваат материјални докази предложени од СЈО. Станува збор за околу 5.900 материјални докази, како барања за издавање лични карти, изјави за ополномоштени лица, извадоци од сметки, потврди и други документи и докази за злоупотреба на средства за финансирање на политичка кампања од 2013 година.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Предметот „Тревник“ се однесува на бесправна градба, односно за изградени три викенд куќи во Општина Зелениково без одобрение за градење. Во овој предмет обвинети се Драган Павловиќ-Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан.

Според СЈО, Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри.

Во прибавените докази на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.