Во Кривичниот суд денеска треба да продолжат судењата за предметите на СЈо „Тенк“ и „Тарифа“.

За „Тенк“ на денешното рочиште искази треба да дадат осум сведоци.

На претходното рочиште беа сослушани тројца сведоци и почна изведувањето на доказите.

Во случајот „Танк“, за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски.

Ново рочиште денеска треба да се одржи и за случајот „Тарифа”. Специјалното јавно обвинителство за овој случај сомничи три лица поради постоење основано сомнение дека е извршена злоупотреба на службената положба во постапка по јавна набавка на софтвер – ЕРП Систем за потребите на АД ЕЛЕМ.

Според обвинението осомничените со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација. Вредноста на склучениот Договор за јавна набавка е 4.092.420 евра, а причинетата штета изнесува 456.560 евра.