Во Кривичниот суд денеска треба да се одржи рочиште од раздвоената судска постапка за поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство. 

На Јанкулоска и се суди во раздвоена постапка бидејќи имаше ризична бременост и беше на породилно боледување.

За случајот „Тенк“ поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски беше осуден на шест години и шест месеци затвор, а поранешниот премиер Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото е осуден на две години затвор.

Случајот „Тенк“ се однесува за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра. 

Денеска продолжува судењето и за предметот „ТНТ“ за уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски.

Меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.