Советот на Општина Тетово прогласи тридневна жалост, по стравотниот пожар кој вчеравечер избувна во модуларната болница, а животите ги загубија 14 пациенти. Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, изрази сочувство до семејствата на настраданите.

– Изгубивме браќа и сестри. Изразувам сочувство до сите граѓани на Тетово. Од состанокот кој вчера беше одржан, беше договорено сите информации кои ќе бидат пласирани во јавноста ќе бидат точни и проверени. Во постојан контакт сум со сите институции и во секој момент кога ќе добијам официјални информации ќе ги споделам со вас – рече Арифи.

Таа изјави дека преживеаните 12 пациенти се во стабилна состојба и се сместени во тетовската болница. Воедно, таа ги повика надлежните истражни органи што побрзо да ги расветлат причините за пожарот.