Фото: Архива

Основниот Кривичен суд денеска соопшти дека Советот за оценка на обвинителен акт го одобрил обвинението за настаните од 27 април 2017 година во Собранието, соопшти денеска Основниот Кривичен суд, информирајќи дека сега се чека случајот да биде прераспределен кај судија, преку системот за управување со судски предмети (АКМИС).

Во мај минатата година, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение против четири лица за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, додека за две лица, кои се недостапни на органите на прогонот, постапката беше запрена до нивно пронаоѓање. Обвинителството претходно соопшти дека истрагата покажала оти обвинетите ги организирале и материјално ги подржале масовните протести, пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“, што кулминирало со насилниот упад во Собранието.

Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, поранешниот премиер Никола Груевски, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и Владимир Атанасовски и Никола Бошкоски од УБК, беа осомничени во предистражната постапка на Обвинителството. Груевски моментно е во Унгарија каде што доби азил, а Бошкоски е во Грција. Шеснаесет лица беа осудени на вкупна затворска казна од 211 години за насилствата во Собранието, на 15 март минатата година.