Кумановското обвинителство отвори постапка против едно лице кое е осомничено дека сторило кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.

– Осомничениот 19-годишен жител на Куманово во својот дом неовластено за продажба држел наркотична дрога марихуана со вкупна нето маса од 305,91 грам и амфетамин со нето маса од 4,29 грама. Дрогата била пронајдена на 6 јуни при претрес на домот, скриена во близина на звучник од музички систем во неговата соба. При претресот биле пронајдени и дигитална вага и дрвена дробилка – соопшти обвинителството.

Ценејќи дека се исполнети сите основи, Основното јавно обвинителство Куманово до Основниот суд во Куманово поднесе предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Судијата на претходна постапка го прифати ваквиот предлог и на лицето му определи притвор во траење од 30 дена.