Основното јавно обвинителство Велес отвори истрага против 24-годишно момче од Велес за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Според информациите на Обвинителството, осомничениот, на 10 септември, во својот дом, неовластено заради продажба чувал хероин во вкупна количина од 9,87 грама. Дрогата била спакувана во 49 мали најлонски пакувања, сместени во едно топче од киндер-јајце скриено во долната облека што ја носел на себе.

Судот му опдредели притвор на осомничениот во траење од 30 дена.​


Приведен дилер на дрога во Гевгелиско, пронајдени 60 стебла канабис

Во атарот на село Миравци, на место викано „Лаго“ на три локации на растојание од околу 50-60 метри полициски службеници откриле 60 стебла од растението Цаннабис Сатива.

Од страна на полициски службеници од Надворешната камцеларија за криминалистички работи Гевгелија преземени се мерки и активности со цел расчистување на случајот. Пријавениот С.К. на 8 септември во 18.10 часот, на местото викано „Лаго“, атар на село Миравци, на лице место бил затекнат од полициски службеници како неовластено одгледува растение Цаннабис Сатива. По извршен претрес во негова торба биле пронајдени свежо набрани цветни завршетоци во завршна фаза на вегетација набрани од три стебла од растението Цаннабис Сатива. По наредба на јавен обвинител истиот ден бил извршен претрес во домот и помошните простории на пријавениот.

Против него е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело – неовластено производство и продажба на дрога.

Пронајдените предмети биле одземени, а по добиениот извештај од вештачењето пријавениот бил приведен и предаден во Полициската станица Гевгелија. Од страна на судија на претходна постапка одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена.


Притвор за дилери на дрога од Гостиварско

Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапка против четири лица, жители на гостиварски села на возраст од 32, 24, 19 и 20 години, за кои постои основано сомнение дека како соизвршители го сториле кривичното дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Четворицата осомничени заеднички се договориле да набават дрога, мерејќи ја на дигитална вага да ја распоредат и да ја продаваат низ Гостивар. На 9 септември при полициска акција пронајдена е дрогата во вкупна нето маса од 25 грама, заедно со дробилки за мелење на дрогата и дигиталната вага. Дрогата марихуана била распоредена во повеќе пакувања и скриена кај осомничените и во вулканизерска работилница на еден од осомничените во село Здуње.

Поради околности кои укажуваат на постоење опасност од бегство на осомничените, опасност дека ќе го повторат кривичното дело и дека ќе влијаат на сведоци, јавниот обвинител до Основниот суд Гостивар достави предлог за определување на мерката притвор за осомничените. Судот со Решение на четворицата осомничени им определи притвор во траење од по 30 дена.