Секторот за внатрешни работи Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје, поднесе кривична пријава против А.А. (37) од Урошевац, Република Косово, а со постојано место на живеење во скопското село Инџиково поради постоење основи на сомнение дека во два случаи сторил три кривични дела и тоа „разбојничка крaжба“, „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и „тешка кражба во обид“, при што се стекнал со противправна имотна корист од околу 123.000 денари.

МВР соопшти дека во првиот случај од 14 до 15 март годинава, во ноќните часови во кебапчилница на ул. „Маџари“ во Скопје, А.А. со употреба на погоден предмет го отворил прозорецот од објектот, влегол внатре, но не одзел ништо бидејки се вклучил алармот.

Во вториот случај, пак, на 2 јуни во периодот од 20 до 21 часот, А.А. со употреба на погоден предмет и физичка сила влегол во куќа на ул. „Иван Цанкар“ во Скопје при што одзел 2.000 евра, мобилен телефон, пет машки часовници и машки парфеми. На излегување од куќата се сретнал со сопственикот и му упатил закана дека има пиштол, по што оштетениот се исплашил и побегнал, а А.А. исто така го напуштил местото на настанот.

По преземени мерки и активности на 22 овој месец врз основа на судска наредба, бил извршен претрес во домот на пријавениот при што биле пронајдени и одземени пари и други предмети кои потекнуваат од кривични дела. При претресот, исто така, биле пронајдени и одземени и една пушка со преклопен кундак непозната марка и калибар, една рамка наменета за пушка со четири куршуми непознат калибар, 21 куршум за огнено оружје непознат калибар, еден пластичен пиштол со рамка, еден револвер непозната марка и еден електро парализатор. На одземеното оружје било извршено вештачење, при што било утврдено дека се работи за исправно функционално автоматско огнено оружје од кинеско производство. А.А. е лишен од слобода и приведен во Полициската станица Карпош.