Полицијата во текот на изминатата година привела 245 странски државјанки кои непријавено престојувале или работеле во полошко, информираше денеска портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

Според неговите податоци, овој број е двојно поголем во однос на приведените странски државјанки во текот на 2017 година, а двојно бил зголемен и бројот на акциските контроли при што во 2018 година имало околу седумдесеттина контроли во повеќе угостителски објекти во тетовско – гостиварскиот регион.

Повеќето од приведените странски државјанки, според полициските податоци, биле на возраст од 20 до 30 години, но имало и на возраст од околу 40 години. Од нив, 150 биле од Албанија, 64 од Србија, 20 од Косово, пет од Бугарија и по неколку од Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина. Најголем дел од нив биле ангажирани како пејачки, танчарки или келнерки.

Во јануари годинава при спроведените полициските акциски контроли биле откриени 40 странски државјанки од кои најголем дел се од Албанија и Србија. Полицијата освен за непријавен престој или работа по нивното приведување утврдува дали тие биле вклучени и во извршување на други кривични дела или прекршоци по што ги предава за понатамошна постапка на Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци, реадмисија во рамки на регионалниот центар Север.

Последната ваква акциска полициска контрола во полошко била спроведена изминатата ноќ во угостителскиот објект „Кораби“ во тетовско Горно Седларце, каде биле откриени седум странски државјанки, шест од Албанија и една од Косово, како и три македонски државјанки. Девојките биле на возраст од 22 до 34 години, а странските државјанки биле задржани во полициската станица Тетово за натамошна постапка.