По повеќемесечна истрага, од страна на неколку оддели на МВР, вчера полицијата привела осум членови на терористичка организација, информираат од ресорното министерство.

Врз основа на судски наредби за претрес во дом и други простории, извршени биле претреси на осум локации, од кои пет во Куманово и три во Скопје, при што пронајдени и уапсени се сите осум лица.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал веднаш вчера поднел и кривични пријави против Б.Ф. (32), Б.Г. (27) и Ј.К. (25) од Скопје и И.М. (22), Д.А. (21), Р.А. (31), С.И. (31) и А.С. (21) од Куманово за сторено кривично дело „терористичка организација“.

Имено, Б.А. од Куманово создал терористичка организација во која покрај претходно притворените В.А. и Е.Љ. членувале и сега приведените врз основи на идеолошката матрица на терористичка организација Исламска држава (ИСИС), за извршување на убиства и уништување на јавни објекти со намера да се создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните.

За остварување на таа намера членовите на групата преземале повеќе подготвителни дејствија, обезбедувале финансиски средства и набавиле оружје, муниција, воена опрема, изработиле импровизирани експлозивни направи и потоа изведувале пробни испалувања и активирање на импровизираните експлозивни направи и оружјето кое што го набавиле.

Членовите на терористичката група за меѓусебна комуникација претежно ја користеле интернет платформата „Вацап“ каде меѓудругото го договарале начинот на транспорт на оружје и начинот на изработка на самоубиствени појаси.

Б.Ф. учествувал и во паравоени формации надвор од територијата на државата, како припадник на терористичка организација ИСИС во Сирија.

Исто така, пронајденото оружје и минско-експлозивни средства на 27 август годинава во непосредна близина на местото Менкова колиба, Куманово, за кое на 31 август кривично беа пријавени Б.А., В.А. и Е.Љ., според количината и намената укажува дека делувала повеќечлена терористичка организација, при што со дополнително собраните докази е утврдено дека постоела директна комуникација, претходен договор и знаење за превземените дејствија помеѓу сите членови на терористичката организација.