Службеното возило со кое се превезувал првиот вицепремиер во Владата, Артан Груби, било демолирано додека стоело паркирано на собранискиот паркинг.

Од МВР велат дека тоа го направила 38-годишна жена. Груби за „Макфакс“ вели дека никој не бил повреден, а причините не ги знае. Неофицијално, жената го кршела предното стакло на автомобилот со камен. Од полицијата, веднаш откако се случил настанот ја привеле жената.

– Пред Собрание на РСМ од страна на В. Ј. (38 години) било скршено предното ветробранско стакло од ‘ПМВ Пасат’ сопственост на Влада на РСМ. Од страна на полициски службеници лицето е приведено во ПС Центар. Се работи на расчистување на случајот – велат од МВР.

Вицепремиерот Груби вели дека кршењето на службениот автомобил се случувало додека тој бил на пленарна седница.

– Точно е. Возилото е искршено од страна на В.Ј. пред главниот влез на Собранието додека јас бев на пленарна седница за Законот за распределување на административците од К5 програмата. Ниту јас, ниту некој од мојата придружба не е повреден. Не ги знам причините за нападот и очекувам МВР да го разјасни случајот – вели Груби за „Макфакс“.