Возачот возел со 99 наместо со дозволените 80 километри на час. Фото: Игор Бансколиев

Седум лица се лишени од слобода, а истрага е поведена за шест лица, и тоа за сопственикот и управителот на правното лице превозник и раководителот во тоа правно лице. Управителот, не почитувајќи ги своите обврски, не го организирал автобускиот превоз во согласност со законските прописи, евиденцијата на возачите, на работното време на превозот на патните линии и слично. Раководењето со возниот парк му го препуштил на второосомничениот, на раководителот. Исто така, не водел грижа за исправноста на тахографот, а второосомничениот, раководителот од правното лице, овозможил да се инсталира уред во автобусот со кој се манипулирал тахографот

Недозволена брзина со која бил управуван автобусот на „Дурмо турс“ и неисправни сопирачки се причината поради која возилото излета од патот кај селото Ласкарци и загинаа 15 лица, а 39 беа повредени. Од Основното јавно обвинителство-Скопје вчера соопштија дека се приведени шест лица, а меѓу нив се сопственикот на компанијата „Дурмо турс“ и возачот на автобусот. За уште едно лице обвинителството побарало мерка на претпазливост. Досегашната истрага покажала дека возачот возел со 99 наместо според дозволена брзина од 80 километри на час. Тахографот, инструмент за автоматско мерење на брзината на автобусот, бил штелуван, поточно возачот манипулирал со него.
Автобусот бил пуштен на линијата Скопје – Тетово со неисправни сопирачки, информација што ја знаеле двајцата првоосомничени и дозволиле истиот автобус да врши превоз на патници. Седум лица се лишени од слобода и се наоѓаат во полициска станица во Скопје. Во текот на вчерашниот ден тие беа изнесени пред судија на претходна постапка. За лицата за кои е отворена предистражната постапка, обвинителството ќе даде предлог за определување мерка притвор, а само за седмото лице ќе предложи мерки на претпазливост.

– Врз основа на обемна предистражна постапка, обвинителството денеска донесе наредба за спроведување истражна постапка спрема шест лица и плус за едно лице, седмо, за кое отвори кривична постапка, бидејќи делото не е такво за да се отвори истражна постапка. Истрагата е поведена спрема шест лица, и тоа спрема сопственикот и управител на правното лице превозник и раководител во тоа правно лице, затоа што сопственикот и управител на правното лице превозник единствено поседувал задолжителен сертификат за професионална компетентност, врз основа на која е дадена лиценца за превоз. Не почитувајќи ги своите обврски, не го организирал автобускиот превоз во согласност со тие законски прописи, евиденцијата на возачите, на работното време на превозот на патните линии и слично. Понатаму му го препуштил раководењето со возниот парк на второосомничениот, на раководителот, и покрај тоа што тој раководител не поседувал таков вид задолжителен сертификат. Сопственикот и управител на правното лице превозник не водел грижа за исправноста на тахографот, а второосомничениот, раководителот од правното лице, овозможил да се инсталира уред во автобусот со кој се манипулирал тахографот и тој не ја евидентирал правилно брзината на движење на автобусот – рече Сашо Рајчев од скопското обвинителство.

Тој објасни дека на двајцата првоосoмничени им било познато дека при техничкиот преглед не бил во целост исправен уредот за сопирање, ама овозможиле автобусот секојдневно да превезува патници.

Сопственикот и управител на правното лице и раководителот се товарат за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. И третиот, четвртиот и петтиот осомничен исто така се товарат за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, но според друг став од Кривичниот законик.

Според Рајчев, возачот е одговорен за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, исто така според членот 300 став 2, но врзано за членот 297 став 1 од Кривичниот законик. Сите овие шест лица, вклучувајќи го и седмото лице, кое не е опфатено со наредбата за предистражна постапка, затоа што кривичното дело не е такво да се отвора истрага. За седмо лице во тек е кривична постапка за кривично дело несовесно работење во службата. Станува збор за лице што издало потврда за овој тахометар што бил инсталиран во автобусот, без претходно да ги направи сите потребни проверки. Обвинителството во оваа фаза од постапката го третира како лице одговорно за несовесно работење во службата.


Возачот ја изгубил контролата над управувачот

Третиот, четвртиот и петтиот осомничен се одговорни лица што се вработени во второто правно лице одговорно за техничко одржување на автобусот, односно фирмата за технички преглед, исто така сопственост на „Дурмо турс“. И во оваа фирма одговорно лице е првоосомничениот. Преглед и контрола на исправноста на автобусот биле извршени во јули 2018 година и во декември 2018 година. И покрај тоа што во јули биле евидентирани определени недоследности на уредите сопирачки, била издадена документација дека автобусот е исправен. Во декември 2018 повторно не била направена потребната периодична, редовна техничка контрола иако од претходно на одговорните лица им било познато дека сопирачките се неисправни. Тие и тогаш повторно издале документација дека автобусот е исправен и тој секојдневно се движел на соодветната релација.
Шестиот осомничен е возачот. Тој го управувал автобусот со недозволена брзина 99 километри на час. Со оглед дека брзината е недозволена, го активирал уредот за манипулација на тахографот, за да не ја евидентира вистинската реална брзина на движење. Поради недозволената брзина, изгубил контрола над управувачот, се движел по средната коловозна лента, преминал на левата преку оградата на спротивните ленти и паднал во малата бездна. Како резултат на овие пропусти на сите шест осомничени, резултат е несреќата кај Ласкарци, со 15 жртви и 39 со тешки и полесни повреди.


Собрана обемна документација и испитани 47 лица

Од обвинителството соопштија дека од денот на сообраќајната несреќа кај Ласкарци, 13 февруари, се водела интензивна предистражна постапка. На самиот ден на случување на незгодата и утредента бил извршен увид од страна на дежурен јавен обвинител со увидните екипи на МВР. Вториот ден обвинителството ангажирало и сообраќајни вештаци и веднаш потоа биле подготвени записникот за увид и скицата и фотодокументацијата од МВР и биле доставени до обвинителството. Во текот на предистражната постапка биле испитани вкупно 47 лица до вчерашниот ден. Потсетија на подготвеното вештачење од Машинскиот факултет во поглед на функционирањето на системите на автобусот, како и на вештачењето од Електротехничкиот факултет за функционирањето на тахографот. Биле подготвени и сообраќајното вештачење од Бирото за судски вештачења, медицинското вештачење во поглед на здравствената состојба на возачот, вештачење од МВР од секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во правец на тоа дали бил употребен мобилниот телефон од страна на возачот за време на незгодата, за што било утврдено дека воопшто не бил користен во критичниот период.
Биле набавени 15 обдукции за сите починати лица, а обвинителството е во фаза на набавување на целокупната медицинска документација и за другите оштетени. Од обвинителството најавија дека ќе продолжат со истрагата и најавија дека и во текот на вчерашниот ден биле повикани сведоци да се испрашуваат. Велат дека работат двајца обвинители по овој предмет, едниот обвинител ќе ги застапува предлозите пред судија на претходна постапка, другиот ќе продолжи со обезбедување вербални докази.

Сашо Рајчев од скопското обвинителство
Фото: Маја Јаневска-Илиева