Пресуда за третообвинетиот Зоран Милески кичевскиот, во предметот “Рекет”, на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, по признанието на вина ќе биде објавена утре напладне.

Претходно обвинителката и неговите адвокати ги изведоа само доказите кои се однесуваат на казната.

– Целосно се докажа дека го сторил делото за кое беше обвинет. Предлагам судот да му изрече казна ценејќи ги сите олеснителни и отежителни околности – рече Вилма Русковска во завршниот збор.

„Обвинетиот кој имал шанса како сведок да го избегне обвинението, тој се довел во ситуација да биде обвинето лице и од тој момент активно не бил соработник. Мора судот да има предвид дека не се работи за јавна личност. Тој е бизнисмен, вработен во компанијата на човекот кој го пријавил ова кривично дело“, рече неговиот адвокат Александар Новаковски.

Неговиот адвокат рече дека Милески е татко на пет малолетни деца за кои треба да се грижи, има болен татко и претходно не е осудуван и побара условна осуда, а имал и здравствени проблеми.

Милески беше обвинет за примање награда за противзаконско влијание за која е предвидена казна затвор од една до 10 години. Тој има право на жалба до Апелациониот суд само во делот на висината на казната.

За останатите обвинети Катица Јанева и Бојан Јовановски постапката продолжува в петок на шести декември. Јовановски е обвинет исто така за примање награда за противзаконско влијание и за перење пари, а Катица Јанева дека ја злоупотребила службената положба и овластување.

Според обвинението, од ноември 2018 година до април 2019 година обвинетиот Бојан Јовановски. познат како Боки 13, го искористил пријателството со шефицата на СЈО, Катица Јанева, и ѝ влијаел да го ослободи од притвор осомничениот бизнисмен, Орце Камчев, во предметот „Империја“.

Јанева му ја олеснила положбата во истрагата на Камчев, па предложила да му се укине притворот и да му се определи поблага мерка, куќен притвор, при неизменети околности.

Во натамошниот тек на постапката Јанева планирала да му даде својство на заштитен сведок и да ја запре истражната постапка или да склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела и Камчев да плати незначителен износ на штета и да му се врати пасошот.

Обвинетиот Зоран Милески договарал средби меѓу Бојан Јовановски и брачната двојка Орце и Ана Камчеви, а за возврат за посредувањето примиле награда од 1,5 милион евра во разни апоени, и тоа од Ана Камчева половина милион евра, а од Орце Камчев 1 милион евра.

Јанева ова го прифатила и за себе прибавила значителна имотна корист, и тоа предмети, мебел во износ од приближно пет илјади евра, кој за неа го набавил Боки 13, и готовина 50.000 евра.

Јанева е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување, Бојан Јовановски за примање награда за противзаконско влијание и перење пари, а Милески за противзаконско влијание.