Во заедничка полициска акција на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и на ОВР Прилеп, вчера е пресечен меѓународен канал за транспорт на наркотична дрога – марихуана, од Албанија преку нашата држава со крајна дестинација за Грција, во вредност од околу 200.000 евра.

Од МВР информираат дека на патниот правец Прилеп-Битола од страна на сообраќајна полиција запрено е патничко возило „пежо карван“, со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Ј.(31) од Скопје и при извршена контрола било констатирано дека лицето не поседува возачка дозвола и возилото не било технички исправно, а по извршениот преглед биле пронајдени две патни торби во кои имало 9 големи пакувања марихуана, во вкупно количество од 50 килограми.

– М.Ј. е лишен од слобода, за настанот известен е Јавен обвинител од ОЈО Прилеп и се преземаат мерки за утврдување на евентуална инволвираност и на други лица при транспортот на дрогата, по што од страна на ОВР Прилеп до надлежното ОЈО Прилеп ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по член 215 од Кривичниот законик – велат од МВР. Ка.М.