Судењето против Љубе Бошкоски за предметот „Кампања“ се враќа на повторно судење, по барање на одбраната.

– Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по барање на одбраната на Љ.Б. претходно осуден во предметот во јавноста познат како „Кампања“, го уважи барањето за повторно судење на предметот. Претходно, за барањето за повторно судење, а согласно и пресудата на Судот за човекови права во Стразбур, добиено е позитивно милење од надлежниот јавен обвинител по што е уважено барањето, за кое странките не вложиле жалба пред Апелациониот суд и истото е веќе правосилно – соопшти Кривичниот суд.

Бошкоски беше уапсен на 6 јуни 2011 година, пред ресторанот „Воденица“ во Скопје, под сомнение за нелегално финансирање на изборната кампања. Во 2014 тој беше осуден на пет години затвор. Во 2016 година тој излезе од затворот во Идризово каде ја отслужуваше казната.