Првонапишаните дела од Галилео Галилеј и на Исак Њутн од 16 и 17 век ги пронашла романската полиција закопани под земја во двор од куќа во романскиот град Пјатра Њамц. Книгите биле украдени уште во 2017 година од магацин во Фелтам во Обединетото Кралство

Ретки изданија на книги се почеста цел на кражбите

Кога станува збор за кражби, најчесто се мисли на криминални дела поврзани со незаконско присвојување различни материјални и нематеријални добра, насилно или по пат на измама. Но организираните криминални групи не мируваат, смислуваат разни начини преку кои ќе заработат поголеми суми пари. Па, така, за одредена група криминалци доста интересни и исплатливи се кражбите на антиквитетски книги, оригинални, ретки и први изданија од разни автори, кои ги крадат од познати библиотеки. За ваквите изданија секогаш има купувачи, но само на црниот пазар. Таквите украдени книги обично завршуваат кај приватни колекционери, кои се мултимилионери и се подготвени да платат енормно високи цени.

Украдени првонапишани дела од Галилео и од Њутн

Ретки антиквитетски книги, првонапишани дела од Галилео Галилеј и од Исак Њутн од 16 и 17 век, пронашла романската полиција закопани под земја во двор од куќа во романскиот град Пјатра Њамц. Ретките дела биле украдени уште во 2017 година од магацин во Фелтам во Обединетото Кралство. Ова откритие е резултат на соработката помеѓу полициите од Обединетото Кралство, Италија, Романија и на Европол. Осомничените веќе се во притвор во Обединетото Кралство.
Во 2017 година во Обединетото Кралство се случил грабеж на книги вредни два милиона евра. Тој бил организиран од страна на криминална група составена од Романци. За расчистување на случајот бил формиран тим што обезбедил меѓусебна соработка и координација. Како резултат на соработката, 15 лица поврзани со оваа криминална организација веќе се уапсени во Обединетото Кралство и во Романија уште во јуни минатата година.
Во јануари оваа година, со обезбедување повеќе докази од координираната истрага помеѓу полициите, уапсен е и главниот организатор на ваквите кражби. Осомничениот со романска националност се наоѓал на листата на барани криминалци од страна на британските власти, а бил пронајден и уапсен од полицијата во Италија. Книгите биле откриени пред да бидат продадени и пред да им се изгуби целосно трагата.

Библиотека оштетена за осум милиони долари

Книги во вредност поголема од осум милиони долари исто така беа украдени од библиотеката „Карнеги“ во Вашингтон. Ретките изданија од Исак Њутн и Атлас од германски истражувач завршувале во приватната архива на вработениот архивист во библиотеката. Тој не крадел само книги туку и други вредности од библиотеката, како што се мапи, натписи и други предмети. Оваа криминална шема функционирала уште од 1992 година. Архивистот во библиотеката соработувал со сопственик на продавница за книги. Архивистот секојдневно земал ретки книги од државната библиотека и му ги носел на сопственикот на продавницата, каде што тој ги продавал онлајн за големи суми.
Во магацин во близината на библиотеката полицијата успеала да најде дури 40 книги што недостигале од библиотеката, а кои веќе биле препродадени од двајцата криминалци.

Други дела пропатувале доста далеку. Четиристотини години стара Библија била пронајдена дури во Холандија. Дело од Њутн, пак, завршило во рацете на колекционер на ретки книги во Лондон. Тој без никаков проблем ја вратил книгата откако дознал дека таа е украдена.
Двајцата измамници заедно успеале да ја оштетат библиотеката за 300 книги, или за осум милиони долари. Сопственикот на продавницата заработил дури 117 илјади долари од продажбата на книгите, а архивистот истакнал дека од страна на сопственикот на продавницата бил принуден да краде.
Колегите на архивистот биле шокирани од ваквото дело на човекот со кого работеле заедно 25 години, а не се сомневале во ништо.

[email protected]