По определениот 30-дневен притвор на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и на уште четири лица обвинети за настаните во Собранието на 27 април минатата година, Кривичниот суд го одби барањето на Обвинителството иста мерка да им се изрече и на пратениците Крсто Муковски и Сашо Василевски. Судот им ја продолжи мерката куќен притвор. На пратениците Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски и на уште две лица им се продолжени мерките за претпазливост.

– За С.В. и К.М опфатени со предлогот на Обвинителството, предлогот се одбива како неоснован, а се продолжува мерката „куќен притвор“ определена со решение на Врховен суд на РМ. од 26.03.2018 година, за Љ.Д., Ј.Т., Е.Д.Б. и И.Д., предлогот на Обвинителство се одбива како неоснован, а се продолжуваат мерките за претпазливост определени со решение на Врховен суд на РМ. од 26.03.2018 година – се наведува во соопштението од Судот.

За преостанатите лица опфатени со обвинителниот акт, предлогот делумно се уважува и се продолжуваат мерките притвор и мерките куќен притвор, претходно определени со решение на Апелацискиот суд Скопје.

Претходно, Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, им определи 30 дена притвор на Чавков, М.П., Д.Л. О.П. и Г.Ѓ, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ од член 313 од КЗ.

Против овие решенија странките имаат право на жалба во рок од 24 часа по приемот на решенијата до Апелацискиот суд Скопје.