Катица Јанева околу еден час се задржа во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Јанева не даде исказ, туку првин сакала да изврши увид во доказите против неа како осомничена во аферата „Рекет“. 

Потоа, со лисици на рацете, екс-шефицата на СЈО беше вратена со комбе во затворот Шутка каде го издржува притворот. 

– Катица Јанева ќе го искористи правото лично да изврши увид во доказите, па ќе даде исказ. Во четврток ќе биде увидот. Денес ќе биде врачено решението за завршена истражна постапка. Обвинителството е должно да ја сослуша осомничената пред да се заврши истрагата. Со завршување на истрагата отпаѓа можноста за влијание врз сведоци. Кога ќе добиеме известување, ќе побараме од судот Јанева да се брани од слобода – рече адвокатката Ирена Фрчковска.

Бидејќи истрагата е затворена одбраната ќе побара укинување на притворот. Фрчковска во неколку наврати тврди дека нејзиниот клиент Јанева не е инволвирана во „Рекет“, а ниту Обвинителството ѝ презентирало докази за делото што ѝ се става на товар.

– За меѓународниот сојуз Јанева не е дел од истрагата. Утре ќе го видиме решението за завршена истрага и мислам дека тоа е само за „Империја“ – изјави адвокатката Фрчковска.

Според адвокатот на Катица Јанева, Дељо Кадиев, со завршувањето на истрагата отпаѓа точката два која значи влијание врз доказите, така што ќе се створи можност за притворот да остане само под точка еден што подразбира бегство или ќе се отвори можност за нудење гаранција за таа да биде пуштена да се брани од слобода со гаранција. 

Минатиот месец на распит кај Русковска беше и второосомничениот Зоран Милевски – Кичеец. Според истрагата што ја води Русковска, Боки 13 заедно со Зоки Кичеец во два наврати зеле 1,5 милион евра од побарани осум милиони евра со ветување дека преку ексшефицата на СЈО ќе ја запрат истражната постапка или ќе му ја олеснат положбата во постапката.