По паузата во Кривичниот суд попладнево треба да продолжи судското рочиште за „27 април“ со гледање снимки од безбедносните камери за случувањата во Собранието на 27 април мината година.

Претпладнето во судницата се гледаа снимки за настаните во Собранието од 27 април, на кои обвинетиот Никола Митревски, а неколку секунди потоа и Јане Ченто со поголема група луѓе се движат кон прес центарот. Од правец пак на салата „Длаборез“ кон прес центарот се појавува службено лице од МВР со шлем на глава и панцир, припадник на ЕБР и четворица доктори облечени во бели мантили како од „Длаборез“ доаѓаат и подолго време се задржуваат во ходникот. Од снимката се гледа како еден од докторите му пружа помош на непознато машко лице, а потоа докторите со трчање се упатуваат кон прес центарот.

Судечкиот совет во предметот „27 април“ денеска одлучи да ја раздвои постапката за обвинетиот Сашо Марковски, кој заради нарушена здравствена состојба е  на лекување во ГОБ  „8 Септември“.

Раздвојување на постапката за него побара обвинителката Вилма Русковска. Сашо Марковски во вторникот со екипа на Брза помош беше пренесен во болница, поради што рочиштето беше одожено за денеска.

Раздвоената постапка за Марковски ќе продолжи по еден месец, а претходно судот ќе побара мислење од ГОБ „8 Септември“ за неговата задравствена состојба.

За „27 април“ обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.