Со воведни зборови денеска ќе почне првото рочиште од судењето за убиството на 20-годишниот член на навивачката група „Комити“, Никола Саздовски. Обвинети за смртта на Саздовски се Бесир Б. и Скендер Р., а процесот ќе го води судијката Даниела Алексовска-Стефановски.

Саздовски на 29 јуни беше претепан на автобуската станица во Автокоманда, а по десетина дена борба за живот, тој почина на КАРИЛ. Неговата смрт предизвика протести со осуда и барање правда. Саздовски беше претепан со боксови и клоци во главата и градите, а кога паднал на земјата и изгубил свест, напаѓачите продолжиле со ударите.

Основното јавно обвинителство Скопје изврши преквалификација на кривичното дело за смртта на Саздовски кога првичната квалификација наиде на бурни реакции од јавноста.

Имено, наместо за кривично дело насилство од член 386, став 6 во врска со став 3, во врска со став 1 од Кривичниот законик, против тројцата обвинети, од кои едниот сè уште е во бегство, ќе се води судска постапка за кривично дело убиство извршено на свиреп начин од член 123, став 2, точка 1 од Кривичниот законик.