Фото: МИА

Почна судскиот процес во кој обвинителката Вилма Рускоска ја тужи ВМРО-ДПМНЕ за злоупотреба на нејзиниот лик и име во спотовите на опозициската партија за време на кампањата за предвремените парламентарни избори.

Во тужбата на Рускоска, која претрпела душевна болка и анксиозност, покрај опозициската партија се опфатени и Коалицијата „За обнова на Македонија“, потоа Христијан Мицкоски како претседател на партијата и донеодамнешниот генерален секретар, Игор Јанушев како овластен претставник на Коалицијата.

Рускоска смета дека е неправедно претставена оти работи под диктат на владејачката СДСМ и бара финансиски надоместок од 10.000 евра од партијата. Таа денеска во судница се соочи со правните застапници на тужената страна, но не и со Мицкоски и со Јанушев.
– До денеска, тужените не доставија докази за двете клевети. Тие требаше да истакнат и докази дека тужителката Русковска ја врши функцијата под влијание на политичка партија – изјави Панче Ефтимов, адвокат на Вилма Рускоска.

Од опозицијата аргументираат дека таа како функционер во правосудството треба да има поголема толеранција за критиката и дека треба да докаже дека е наклеветена.