Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека надлежен јавен обвинител донел наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Разбојништво од член 237 став 1 од Кривичниот законик.

Имено, како што се посочува, на 23 јануари двајцата влегле во продажен салон на оператор на мобилна телефонија во близина на Бит Пазар и со употреба на сила и сериозна закана дека ќе нападнат врз животот и телото на едно вработено лице, противправно одзеле 96.500 денари.

Осомничените претходно ја разгледале поставеноста на безбедносните камери и провериле колку вработени се присутни во продажниот салон, се обиделе да украдат изложен мобилен телефонски апарат, но притоа се вклучил безбедносниот звучен аларм. Во тој момент осомничените излегле од продавницата и ги замениле јакните. Едниот дополнително маскиран со качулка и марама, се вратил во салонот и извадил пиштол со кој му се заканил на вработениот, побарал од него да ја отвори касата и ги одзел парите. Другиот осомничен за тоа време чувал стража пред објектот, па двајцата го напуштиле местото на настанот, стои во соопштението.

Едно од двете лица против кои е започната истражната постапка е осомничено дека два дена подоцна извршило уште едно кривично дело – Разбојништво од член 237 став 1 од Кривичниот законик. Тој во непосредна близина на казино во Бутел со употреба на сила и сериозна закана дека ќе нападне врз животот и телото на една оштетена и одзел паричник во кој имало лични документи и 200 денари. Притоа и се заканувал дека ќе ја убие ако не му ги даде парите, неколкупати повторувајќи дека има пиштол во јакната.

Надлежниот јавен обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до Судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Во однос на едниот осомничен, судијата го прифати предлогот и со решение му определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека за вториот осомничен определи мерка – куќен притвор, наведуваат од Основното јавно обвинителство.