По кусо и тешко боледување, синоќа во Скопје на 70-годишна возраст почина професорот Томе Груевски, оставајќи зад себе бројни генерации новинари.

Томе Груевски е роден во Смилево, битолско, (1949), новинар и универзитетски професор по комуникологија, новинарство и односи со јавноста, прв доктор по комуникологија во Република Македонија и основоположник на студиите по односи со јавноста во Македонија.

Дипломирал на Филолошкиот факултет (1972), магистрирал на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања (1989) и докторирал на Правниот факултет (1995) во Скопје. Уште од средношколските години се оддал на новинарство.

Добиени награди и признанија: Прва награда на Фестивалот на радиото на ЈРТ во Охрид, (1978) заедно со целата новинарска екипа за контактна емисија на програмата „Бранови на младоста“ на Радио Скопје; „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, од областа на публицистиката (1983); „Новинарско перо“ (1986), награда на Здружението на новинарите на Македонија; Награда на издавачите и книжарите на Република Македонија (1999); Награда „4 Ноември“ на град Битола (1999); Награда на в. „Битолски весник“ -„Најуспешни битолчани“ (2007). Во 2018 бешше прогласен и за почесен член на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид. Во соработка со оваа установа д-р Груевски ги промовираше двете книги посветени на охриѓанецот Константин С. Шахов а на 18 март годинава д-р Груевски на покана на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Општина Охрид говореше на настанот посветен на „185 години од раѓањето и 110 години од смртта на Кузман Шапкарев“. Д-р Груевски беседеше на тема: „Журналистичката и публицистичка дејност на Кузман Шапкарев“. Најверојатно, за жал тоа беше и неговото последно официјално појавување и обраќање во јавноста.

Објавени трудови: Јавното информирање во Македонија, Скопје, 1991; Системот на јавното информирање во Македонија, Скопје, 1992; Преглед на македонскиот печат (1885–1992), Скопје 1993 (со коавтор Боро Мокров); Современиот печат во Македонија (1944-1994), Скопје, 1995 (две изданија); Историја на новинарството, кн. 1 и 2, Скопје, 1999; Теорија на новинарството, Скопје, 2000; Комуникациите и културата, Скопје, 2004; Историја на новинарството, Скопје, 2005; Култура на говорната комуникација, Скопје, 2006; Односи со јавноста, Скопје, 2007 и 2011; Комуникологија, 2011; Комуникологија на масовни медиуми (2012), коавт. со д-р Зоран Костов; Комуникологија на жанрот, 2013; Собрани дела „Комуникологија“ 2015, Коста С. Шахов Публицистика, кн 1. (2017), Константин С Шахов Книжевност кн. 2 (2018).

Томе Груевски е автор и на два аудио учебници наменети за читатели со посебни потреби. Автор е на „Односи со јавноста“ и на учебникот „Историја на новинарството“.